Стари возoви
Оваа страница ја посветувам на мојот дедо Драгутин Алексиќ, (1902-1973 г.) роден во С.Кршевица-Трговиште, Врањски округ, доселен во Скопје 1936 г. До своето пензионирање во Југословенски Железници работеше како кондуктер на локалните линии на кои пропатувал многу километри со многу возеови по Македонија.
Домаќин човек, кој сите го сакаа и почитуваа, вреден и работлив,.Сакаше на сите да им помогне, во границата на својите можности. Ако сте имале мака, на муабет кај Драгутин, он ке знае совет да даде, ќе му текне нешто. Во куќата секогаш имаше луѓе, дојдени со некоја нивна потреба или пак само да го видат, со причини разни, секогаш некој гостин „сопрен“ на софрата на ручек, големо тенџере на маса, леб месен од големите. Баба ми Лепосава се лутеше “Драгутине, кој су ти па сад овија људи” а дедоми вели “ако бабо, имав си муку” и така беше тоа, крај му немаше, сите да ги угости, да им помогне.
Се сеќавам на моите патувања со него и лете и зиме, ме носеше да ме прошета, највероватно да ме покаже на колегите, да се пофали со внукот. Ме викаа “белчо”, јас малечок и бел во косата ме познаваа сите во станицата и се така се додека не појдов на училиште.
Со моето појдување во основно училиште престанаа и мојте патувања со воз, моите најрани патешествија.
Неизмерно задоволство ми преставуваат сеќавањата на дружбата со мојот дедо на патувањата со воз.
Ги повикувам сите љубители на железниците и старите возови, кои носат спомени врзани за железничарскиот живот и железничарите, но и оние кои никогаш не успеале да се провозат со воз, а сепак се љубопитни да го откријат тој свет, да споделуваат стари фотографии и сеќавања за да можеме сите заедно да се обидеме да го оживееме споменот за едно убаво време и за едни драги луѓе.
Драган Алексиќ